ТУЗЛА – Во просториите на Центарот за култура Тузла, од 15 до 17 мај, во рамките на едукативните работилници за наставници од основните и средните училишта од Босна и Херцеговина и Србија под наслов Музеј на 90-тите – нов пристап кон учењето, организирани од иницијативата Музеј90 од Белград, историчарката и дел од мрежата на пријатели на JHP, Андријана Влаховљак, одржа работилница Заеднички историски читанки: нови методологии во наставата по историја.
За време на работилницата беше претставен и промовиран проектот Joint History, со посебен осврт на процесот на создавање на заедничките историски читанки, нивните методолошки основи и можностите за нивна примена во наставата. Наставниците имаа можност да се запознаат со сите фази на проектот, како и со предностите од користењето на мултиперспективниот пристап во обработката на чувствителните историски теми. Посебен акцент беше ставен на развојот на критичкото размислување, поттикнувањето на дијалогот и активното вклучување на учениците во процесот на учење преку работа со различни историски извори и интерпретации.
Во практичниот дел од работилницата, наставниците, работејќи во мешани групи, осмислуваа наставни активности користејќи ги материјалите од шестата книга Војни, поделби, интеграции (1990–2008). Преку заедничка работа, учесниците разменуваа искуства и идеи за современите пристапи во наставата по историја, со цел унапредување на наставната практика и зајакнување на регионалната соработка меѓу наставниците.
Работилницата се одржа во склоп на отворањето на гостувачката изложба на Музеј90 под наслов Деведесеттите: од неприфаќање до отпор.


