Секојдневието нѐ потсетува колку е важно да ја познаваме историјата. Тоа не важи само за нас со современите регионални искуства, туку е применливо и пошироко, особено ако ги набљудуваме актуелните глобални текови. Одново се среќаваме со политички пракси кои се докажано непродуктивни и општествено штетни. Историјата можеби не се повторува, но се повторуваат грешките, па сето тоа потсетува на кружно враќање на местото од каде што сме тргнале. Проследено со постојаното прашање, до кога?
Не е случајно тоа што искуствата не нѐ учат во доволна мера на корисни и целисходни решенија. Иако постојат многу причини, дел од објаснувањето лежи и во начинот на подучување историја. И, како што се чини, проблемот ќе станува уште посложен со тоа што учењето (како дел од самообразованието) се пренесува во дигиталниот свет во кој сѐ уште нема доволно авторитети од областа на историските науки, а предрасудите се репродуцираат уште побрзо и полесно.
Ние историчарите веќе долго време се занимаваме со унапредување на методолошките пристапи во современото изучување историја, но тоа останува одвоено од современите дигитални потреби на младите генерации. Ситуацијата ја отежнува и фактот дека историјата спаѓа меѓу најзлоупотребуваните науки – и е во постојана борба со доминантните националистички политики. А сега е потребно борбата да ја прошириме и во дигиталниот простор – тоа воедно претставува нова потешкотија, но и можност во демократизираните простори (колку што е возможно да се нарече алгоритамот демократски!) да овозможиме модерни пристапи до историските теми и, што е најважно – да дадеме релевантни одговори на ново-старите прашања во светот на дигиталната интеракција. Ако тоа не го направиме ние, ќе го направи АИ. А не треба да заборавиме дека вештачката интелигенција учи само врз основа на дигиталните содржини. Заклучокот се наметнува самиот.
Згора на сѐ, нашата работа ја отежнува уште една компонента. Начинот на кој историјата во регионот сѐ уште се пишува и се чита е под влијание на националистичките политики, и така (пре)оптоварена со национални наративи, претставува само школка, испразнета од значење. Преполна со национални топоси – замислена да се репродуцира без да се поставуваат прашања. И тоа не е случајно – ученикот кој ги разбира процесите и е во состојба да ги поврзе сличните обрасци во различни држави и епохи – во состојба е и да постави прашања за општеството во кое живее. Намаленото внимание на младите не мора да биде пречка за квалитетно учење, иако наставниците често се жалат – тоа само бара од нас поинакви пристапи во предавањето и претставувањето на историските наративи и епизоди. Дигиталниот свет тука ни нуди безброј можности и затоа храбро зачекоруваме на терен кој е подеднакво и наш – современата ера нѐ повикува сите нас да се прилагодиме на новите потреби.
Препознавајќи ги современите општествени недостатоци, новите пристапи (дали се веќе и толку нови!) стануваат не само потреба, туку и императив. Проектот на заеднички историски читанки (Joint History Books, jointhistory.net) претставува еден од најважните чекори во процесот на обединување на разбирањето на историјата на заедничките простори. Затоа што просторот и историските процеси нѐ поврзуваат сите нас во една целина, а националните агенди нѐ делат во одвоени, неповрзани, спротиставени табори.
Шесте книги се составени така што искусен професор по историја може да ги искористи за своите часови како значително унапредување во квалитетот на наставата, а тука се и за самостојно користење од страна на учениците – секоја историска целина е возможно подобро да ја разберат ако се запознаат и со историските извори на народите изоставени од националните перспективи. Предност е и тоа што сите читанки се достапни на локалните јазици, па тоа го олеснува и читањето и разбирањето.
Како тоа функционира во пракса? Еве еден пример, од втората читанка посветена на настанокот на национални држави на Балканот. Во националните курикулуми имаме постојано величење на националното ослободување. Раѓањето на нови национални држави е претставено во остар контраст со тешкото минато, што ослободувањето го прави величествено, а методите на борба во тој процес совршено легитимни и достојни за восхит. Во таков пречистен наратив нема простор за стремежите на другите народи кои ја сметаат својата судбина за подеднакво величествена и избрана. Во така поставено опкружување, другите народи и нивните стремежи не се подразбираат како дел од истиот процес – туку се претвораат во пречка. На тој начин се создаваат национални предрасуди, кои потоа се оправдуваат со генерации и стануваат дел од целината неподложна на преиспитувања.
Има многу примери, а заедничките читанки настапуваат од позиција на разбивање на вкоренетите наративи и отвораат простор за нивно разбирање од различни перспективи. Проширувајќи го калапот за разбирање на историската стварност, ние, всушност, подобро го разбираме и светот околу нас. Во свет во кој има разбирање, постои помалку простор за предрасуди, манипулации и злоупотреба. Отсега, читанките се достапни и во дигиталниот свет, а интеракцијата со историчарите е воспоставена преку различни канали на социјалните мрежи. На тој начин даваме свој придонес во доближувањето на историски содржини кон младите генерации преку интерактивен пристап и директен контакт – онаму каде што тие минуваат најмногу време. Така се затвора (или се отвора?) кругот на демократизација на ширењето на знаењата, и воедно излегуваме и од offline просторот и од националистичките курикулуми. Овој 21.век ќе биде век на предизвици. Но, подготвени сме.
Сања Радовић
Авторката е историчарка и соработничка на проектот Joint History Books