
Душан Рељиќ
Ова е потфат, трае веќе речиси три децении. А светот во текот на овие три децении неверојатно се промени. Ние пред три децении ретко користевме персонални компјутери, а интернетот беше во пелени. Мене ме загрижува дали она за што размислувавме и пишувавме може да се преточи во ова сегашно време, во таканаречените социјални мрежи, во нови облици на изразување. И мислам дека мојата генерација веројатно повеќе не успева во тоа. Затоа би се радувал ако младите луѓе – сите млади луѓе – ја преземат оваа идеја, овој потфат, ако ја променат, ја прилагодат, но и ако се изразат себеси преку темелите врз кои го изградивме овој проект, а тоа е уважување на шаренилото кое постои во размислувањето, во постоењето, во планирањето на иднината.
Значи, тоа е мојата најголема желба: да дојдат млади луѓе и да го преземат ова.

Невен Будак
Мислам дека овој проект е важен од повеќе причини. Една од нив е дека низ овие 30 години, колку што трае проектот, се зближивме меѓусебно ние кои работевме на него и создадовме една микро заедница на историчари од регионот која многу добро функционира, не само професионално, туку и се спријателивме во тој период. Мене лично тоа би ми бил најважниот дел од проектот. Но, секако, проектот е важен и поради влијанието што го има со своите резултати, бидејќи мислам дека сепак успеавме да поврземе и голем број наставници по историја од целиот регион, дека тие наставници сега поинаку гледаат на историјата, дека се свесни за потребата за споредување, значи не само за толкување на сопствената историја, туку и за споредување со историите на соседните земји, за да се види кои се заедничките искуства, а кои различни искуства.
И на крајот, очекувам сето тоа да има влијание и врз учениците на кои тие наставници им држат настава. Тоа е веројатно малку тешко да се измери, но јас навистина се надевам дека овој проект и на тој начин оставил голема трага во сите земји што се вклучени во него.

Ненад Шебек
Овој проект започнат пред три децении е подеднакво потребен и денеска, затоа што некои нешта во нашите општества во Југоисточна Европа, а и во останатиот дел од светот, не се промениле. Едно од тие нешта е дека наставата по историја и понатаму се изведува според етноцентричен националистички принцип. Со други зборови, наставата по историја честопати се злоупотребува за да ја прикажеме сопствената нација како прекрасна, вредна за восхит, феноменална – секогаш жртва, никогаш агресор – отсликувајќи ги сите наоколу како помалку вредни. Она што е специфично кај ваквиот мултиперспективен начин на претставување на историјата е дека тоа ни дава можност да дознаеме што мислат другите за нас. А другите обично имаат многу пореална слика за нас одошто ние самите.

Кристина Кулури
Бевме историчари, ја сакавме историјата, посакувавме општествата да се променат на подобро. Верувавме дека историјата може да биде средство за промена на светот – и тоа го посакувавме: да го промениме светот. Дури и денеска, колку поминаа, 30 години? Дури и денеска веруваме дека тоа е благородна цел за која вреди да се бориме.
За жал, од тогаш… и според заклучоците до кои дојдовме тогаш, изгледа дека нештата не се промениле многу. Сѐ уште постојат проблеми во училиштата – со учебниците, со начинот на кој се предава историјата, со дискурсот околу историјата, кој и понатаму е многу националистички. Но, најмногу од сѐ, децата не сакаат историја.
Значи, очигледно нешто правиме погрешно. Можеби е време сите заедно да ги здружиме силите за да го промениме тоа.

Божо Репе
Ја завршивме читанката со периодот по Студената војна до 2008 година, што значи дека се занимаваме со најосетливата тема од сите работни читанки кои направивме досега – затоа што тие процеси сѐ уште не се завршени, затоа што сѐ уште не знаеме што ќе се случува со границите, бидејќи некои сакаат тие граници да не останат онакви какви што се сега. Затоа што немаме доволно извори, бидејќи трагите се сѐ уште многу лични и чувствителни.
И тука мораме да бараме некаква рамнотежа – рамнотежа во отворената расправа во училницата, но и рамнотежа во односот кон политиката, особено затоа што во меѓувреме се создадоа нови држави, млади држави, во текот на самиот процес на создавање на овие работни читанки. Овие држави гледаат кон историјата од денешна перспектива. И тогаш е тешко да се објасни што е, всушност, вистинската историска рамка.
Мислам дека тоа ќе биде еден од најголемите предизвици, особено сега кога преминуваме на модерни визуелни методи – еден од најголемите проблеми со кои ќе мораме да се соочиме.
