ТИРАНА, 11 март – Проектот за заеднички историски читанки (www.jointhistory.net) е добитник на овогодишната награда за мир што ја доделува Европскиот центар за наука за мир, поврзување и соработка CESPIC (European Centre for Peace Science, Integration and Cooperation) во Тирана, во соработка со Балканско-кавкаската трансевропска опсерваторија (OVCT) со седиште во Тренто.

Признанието беше доделено денеска на свеченост на Католичкиот универзитет „Госпа од добриот совет“ („Our Lady of Good Counsel“) во Тирана. Наградата се доделува на поединци и организации кои дале исклучителен придонес во зајакнувањето на меѓународната соработка, образованието на младите за мир и поттикнувањето на дијалогот меѓу различните заедници.

Наградата во име на проектот ја примија професорката на атинскиот Универзитет Пантеон, Кристина Кулури (Christina Koulouri), претседателка на Научниот одбор на проектот, и директорката на проектот Звездана Ковач. Проектот се реализира во соработка со Европскиот фонд за Балканот (European Fund for the Balkans) во Белград, со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Германија.

„Само образовани, љубопитни и отворени луѓе, подготвени критички да размислуваат за минатото и да ги разберат различните перспективи, можат да бидат вистински гаранти на мирот“, нагласи Ковач заблагодарувајќи се на признанието. Таа додаде дека за творците на Проектот за заеднички историски читанки е особено важно што наградата го уважи значењето на образованието на младите како темел на мирот.

Професорката Кулури нагласи дека на оваа комплексна задача работеле повеќе од 100 историчари од целиот регион. „Нашиот избор во овие читанки беше да задржиме дистанца и од хероизацијата и од виктимизацијата, и да се обидеме да ги запознаеме учениците со военото искуство како сложен феномен и, пред сè, како заедничко човечко искуство“, објасни Кулури.

Проектот за заеднички историски читанки беше покренат кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, сè уште за време на војните на југословенските простори.

„Во тој момент веќе и самата идеја дека историчари од сите делови на Југоисточна Европа заеднички ќе произведат наставни материјали кои го опишуваат минатото од различни перспективи изгледаше речиси невозможно. Сепак, благодарение на ентузијазмот на голем број професори по историја и други експерти, идејата беше преточена во реалност“, истакна Ковач.

Содржината на заедничките читанки по историја е достапна преку веб-страницата на проектот (www.jointhistory.net) и социјалните мрежи. Во тек се нови регионални образовни програми, вклучувајќи и психолошки работилници за траумите од недолечното минато. Најновата научна конференција на Проектот се занимаваше со минатото и иднината на границите во Југоисточна Европа.