Политичките елити во регионот на Југоисточна Европа и понатаму ја користат историјата како средство за манипулација, наставата по историја е изразено етноцентрична, а за војните во 1990-тите години се предава многу малку и селективно. Тоа беше заклучено на меѓународната конференција „Границите во Југоисточна Европа: географија или имагинација?“, која беше одржана од 16 до 18 мај во Подгорица. Учесниците ја нагласија важноста на политичката волја при надминувањето на националистичките наративи и ја истакнаа потребата границите да се набљудуваат не само како географски линии, туку и како симболични и ментални поделби.

Конференцијата ја следеа околу стотина гости, меѓу кои беа бројни амбасадори на земји чии историчари учествуваа во изработката на Заедничките историски читанки, претставници на меѓународни организации, историчари од целиот регион, студенти по историја, претставници на граѓанското општество и други.

Ним, меѓу останатите, им се обрати и главниот преговарач на Црна Гора со ЕУ, Предраг Зеновиќ, кој оцени дека образованието, особено наставата по историја, има клучна улога во изградбата на мирот и демократската култура. Тој го нагласи значењето на мултиперспективниот пристап и искуствата од француско-германското помирување како европски модел. „Границите кои раздвојуваат сеќавања честопати се попостојани од физичките. Токму затоа задачата пред нас не е само пречекорување на географските линии, туку и надминување на менталните и на симболичките поделби“, рече Зеновиќ.

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Црна Гора, Петер Фелтен, предупреди на избегнувањето на важни теми во училиштата и на политизацијата на историјата. Истакна дека единствениот лек против ревизионизмот е усогласување на фактите и нивно заедничко толкување. „Тоа е болест против која најуспешна вакцинација би било минатото да не се остава во нејасни ситуации, туку заеднички да се препознаат важните факти, и да не се влегува во расправи околу тоа што се факти, туку дискусијата да се насочи кон толкување на утврдените факти“, рече Фелтен. Тој го истакна значењето на Берлинскиот процес за регионална интеграција и изрази задоволство што Министерството за надворешни работи на Германија ја поддржа и втората фаза од проектот Заеднички историски книги (ЈХП 2.0).

Поранешниот албански шеф на дипломатијата и претседател на Пријатели на ЈХП 2.0, Дитмир Бушати, нагласи дека помирувањето може да се постигне преку заедничка работа околу разбирањето на историјата, без оглед на границите. Тој потсети дека бројните спорови и понатаму го отежнуваат напредокот на регионот. „Сведоци сме на тие мрежи од спорови што потекнуваат или од Втората светска војна, или од распадот на Југославија, или, пак, се гранични спорови предизвикани од настанувањето на нови држави по падот на железната завеса“, наведе Бушати.

Извршната директорка на Европскиот фонд за Балкан, Александра Томаниќ, ги истакна техничките напори при заштитата на дигиталните изданија и важноста на политичката волја за решавање на историски прашања. Томаниќ изјави дека, кога започнале да работат на проектот ЈХП 2.0, сфатиле дека книгите мораат да бидат достапни на интернет. „Со конструктивен пристап и вистинска политичка волја, проблемот со историјата во регионот би можел да биде решен“, рече Томаниќ, укажувајќи на книгите на заедничка историја како една од алатките што би помогнале околу тоа.

Уредничката на проектот ЈХП и ректор на Пантеон – Универзитетот за општествени и политички науки, Кристина Коулоури, рече дека тој проект, кој започна во доцните 90-ти години на иницијатива на бизнисмените што сакаа да видат мирен развој во својот регион без војни, успеа да преживее до 2020 година и да воскресне во 2024 година. „По толку години, сметам дека овој проект навистина претставува успешна приказна, дека заслужува втора шанса и дека ги инспирира младите колеги кои би сакале да ја продолжат и да ја обноват нашата работа“, рече Коулоури.

Раководителката на проектот Заеднички книги по историја, Звездана Ковач, заклучи дека се работи за еден од најголемите проекти на граѓанското општество, кој докажува дека е возможен регионален договор кога постои волја и отвореност за дијалог. Таа додаде дека оваа конференција не се одржува случајно во Црна Гора. „Бидејќи тоа е земја за која се зборува како за прва наредна членка на Европската унија, таа, не само поради членството, би требало да негува европски вредности, кои книгите по заедничка историја и тимот што стои зад нив ги практицираат и ги промовираат.“