Проектот за заеднички историски читанки (JHP) за земјите од Југоисточна Европа продолжува во нова фаза, со назив JHP 2.0 Врз основа на работата на стотина историчари и наставници од Југоисточна Европа, кои од 1998 до 2016 година напишаа шест книги на единаесет јазици што го покриваат периодот од Османлиското царство до 2008 година, ЈHP 2.0 е насочен кон ангажирање на млада и нова публика, првенствено во дигиталната сфера.

ЈHP 2.0 ќе продолжи, како и претходно, да поттикнува знаење и креативност, како кај историчарите и наставниците, така и кај уметниците и новинарите, и кај сите оние кои сакаат да промовираат демократска политичка култура во Југоисточна Европа.

Во рамките на проектот, фокусот ќе биде насочен кон креирање на содржини на социјалните мрежи, видео снимки, стрипови, написи, академски студии и низа други содржини, со цел да се поттикне љубопитност, емпатија и критичко размислување за историјата. Првите содржини можете да ги следите веќе од денеска, кога започнува нашата прва медиумска кампања. „Учи и инспирирај“ започнува денеска и тоа на Facebook и на Instagram.

Покрај тоа, предвидена е и научна конференција на тема концептот на граници во Југоисточна Европа, закажана за мај 2025 година. Централното прашање на тој собир ќе биде дали регионот се еманципирал од стремежите кон демаркација и партикуларизам.

Проф. Кристина Кулури од Атина продолжува да ја води научната работа во рамките на JHP. Дитмир Бушати, поранешниот министер за надворешни работи од Албанија, претседава со „Пријателите на JHP 2.0“, група составена од академици, дипломати и активисти од граѓанското општество во Југоисточна Европа кои веруваат дека овој проект треба да допре до што поголем број луѓе, посебно до младите генерации. Звездана Ковач го предводи тимот на JHP 2.0. За сите информации пишете на jointhistoryproject@gmail.com

Овој проект го имплементира Европскиот фонд за Балкан, а финансиски го поддржува Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.